Навивачи на Динамо Загреб убија 22-годишен Грк во Атина
Дваесет и двегодишен маж кој според полицијата бил повреден од „остар предмет“, најверојатно со нож, починал пред стадионот на АЕК во понеделникот вечерта, при тешките инциденти предизвикани од навивачите на Динамо Загреб во Атина.
Навивачот добил повеќе убодни рани. Според информациите, имал пресечена артерија на раката.
Во инцидентите беа повредени вкупно девет лица. Останатите осум се тројца Грци и пет Хрвати, кои се хоспитализирани.
Полицијата уапси 98 лица. Меѓу нив има 82 Хрвати, еден Австриец, еден Босанец, еден Албанец, еден Германец и двајца Грци.
Според првите бројки, повеќе од 100 организирани навивачи на Динамо Загреб и покрај тоа што е забрането движењето на навивачите од Хрватска во пресрет на денешниот фудбалски натпревар меѓу двете екипи на стадионот ОПАП Арена, пристигнале по пат во Грција и се упатиле за Атина во колона.
На магистралниот пат Хрватите биле забележани од Обезбедувањето и ставени под дискретен надзор, но, според полициски извори, се чини дека постапиле по организиран план, бидејќи по пристигнувањето на Атики, автомобилите се распрснале и голем број се упатиле до станицата ИСАП Ирини.
Таму Хрватите се качиле во метро и се симнале на станицата Пефкакија, од каде пеш тргнале кон Нова Филаделфија.
Навивачите на Динамо околу 23:00 часот по локално време ги нападнале навивачите на АЕК надвор од стадионот. Избила жестока тепачка, со молотови коктели, палки и други предмети.
На местото на настанот пристигнаа полициски сили кои со употреба на хемикалии ги сузбиваа инцидентите, при што се пристапи кон апсење на инволвираните кои беа приведени и испрашувани за да се идентификува сторителот на убиството.