Напаѓачот во возот во северна Германија е осудуван Палестинец – пред шест дена излегол од затвор
Напаѓачот, кој вчера во локален воз на северот од Германија, во близина на Хамбург, со нож уби две и повреди пет лица е Палестинец кој живее во земјата како бегалец од 2014 година, денеска јавија локалните власти.
Се уште не е познат мотивот на 33-годишниот напаѓач Ибрахим А., Палестинец од Појасот Газа, кој вчера попладне во воз на линијата меѓу Кил и хамбург уби 17-годишна девојка и 19-годишно момче.
-Со оглед на динамичниот редослед на настаните, многу работи се уште се нејасни, изјави министерката за внатрешни работи на Шлезвиг-Холштајн, Сабине Зутерлин-Вак на вонредната прес-конференција во Кил.
Германските медиуми јавуваат дека Ибрахим А. повеќе пати бил осудуван за кражба, измама и нанесување тешки телесни повреди, а од истражен затвор излегол пред само шест дена.
Во 2017 година, неговото барање за азил било одбиено, но му била дадена заштита од депортација.
Нападот ја вознемири германската јавност и предизвика бројни реакции. Десничарската популистичка Алтернатива за Германија (AfD) уште денеска почна кампања со плакати во која ја обвинува германската министерка за внатрешни работи Ненси Фезер дека не прави доволно за да ги протера нелегалните криминалци од Германија.
Весникот „Билд”, пак, денеска го критикуваше јавниот сервис „НДР”, затоа што во известувањето за инцидентот одбива да ја наведе националноста на сторителот.