НА КОСТАДИНОВ МУ СТЕГНАА ПЕТТА КРИВИЧНА ПРИЈАВА Го гонат за незаконска легализација на довоградба
СВР Струмица до ОЈО Струмица поднесе кривична пријава против К.К.(36) од Струмица, поранешен градоначалник на Општина Струмица, С.Р. (38) поранешна раководителка на Сектор за урбанизам, комунални работи и градежно земјиште при Општина Струмица и Ј.П.(60) од Битола, поранешен управител на фирма од Битола, сега ликвидирана, поради основано сомневање за злоупотреба на службена положба и овластување, како и за фалсификување исправа.
Според Обвинителството, К.К. и С.Р. во 2022 година ја злоупотребиле службената положба за да му овозможат на правно лице да легализира бесправно изграден објект на парцела во село Куклиш.
Според наводите, С.Р. побарал од Ј.П. да изготви елаборат за бришење на објекти од катастарска парцела во Куклиш. Елаборатот требало да послужи за бришење на објекти во сопственост на Општина Струмица, со што парцелата би добила чист имотен лист. Ј.П. изготвил елаборат и технички извештај во кои, според Обвинителството, невистинито било наведено дека на теренот нема објекти. Овие документи потоа биле употребени за бришење на објектите во сопственост на Општина Струмица, изградени на земјиште во сопственост на државата.
Со тоа, според Обвинителството, на Т.Ј. од село Куклиш му била овозможена противправна имотна корист. Првопријавениот му издал решение за легализација на бесправно изграден објект – зграда со намена стовариште, со внатрешна површина од 161 квадратен метар. Постапката му овозможила и да го откупи земјиштето под објектот, како и да се стекне со сопственост врз државно земјиште со површина од 866,46 квадратни метри.
Обвинителството наведува дека К.К. и С.Р. не ги зеле предвид ниту претходните судски одлуки поврзани со објектот. Во 2016 година, Вишиот управен суд ја одбил жалбата на Т.Ј. против одбивањето на барањето за легализација, со образложение дека објектот се наоѓа на парцела на која право на сопственост врз објект имала Општина Струмица. Во 2019 година, истиот суд потврдил дека објектот бил изграден без соодветно одобрение за градење.
Врз основа на утврдената состојба, овластен градежен инспектор на Општина Струмица му издал решение на Т.Ј. со кое му наредил да ја отстрани градбата. И покрај претходните судски одлуки и решението за отстранување, според Обвинителството, пријавените му овозможиле на Т.Ј. да се стекне со имотна корист, на штета на Општина Струмица и државата.
Според периодот на кој се однесува пријавата и на иницијалите, станува збор за поранешниот градоначалник на Струмица Костадин Костадинов од СДСМ, кој беше на таа функција во периодот од 26 октомври 2021 до 26 октомври 2025 година, кога го заврши четиригодишниот мандат. Претходно, во 2017 година, тој беше и вршител на должноста градоначалник околу десет месеци, по повлекувањето на тогашниот градоначалник Зоран Заев од функцијата.
Против Костадинов, биле поднесени најмалку четири кривични пријави или пријави што довеле до постапување на надлежните институции. Тие се однесуваат на сомневања за незаконска градба, набавката на електрични автобуси, спорни даночни ослободувања и одобрение за реконструкција на објект. Во дел од случаите пријавите биле поднесени од полицијата, а во друг од граѓани. Станува збор за наводи и сомневања што треба да ги испитаат надлежните институции, а самото поднесување кривична пријава не значи дека е утврдена вина.
.
Извор: plusinfo.mk