
МНР: Ниту едно ДКП нема инструкции да доставува ноти до земјите, истата веднаш е отповикана!
Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ на својот Фејсбук профил пишува дека амбасадорот на Македонија во Рим, г-н Весел Мемеди, со официјална нота ги известил италијанските власти дека и валидните патни исправи со името “Република Македонија”, од 12.02.2024 се неважечки.
По овие наводи, од Министерството за надворешни работи за МИА велат дека ниту едно дипломатско – конзуларно претставништво на Република Северна Македонија нема добиено инструкција да доставува ноти за предметната тема до земјите на акредитација.
„По добиените сознанија за испратената нота до италијанското МНР, истата по дипломатски пат веднаш е отповикана, уште пред стапување во сила на наведениот рок за важноста на пасошите и со тоа, не предизвика никакви импликации“, стои во соопштението на МНР.
Министерството веќе спроведува интерна постапка за утврдување на одговорност за расчистување на случајот, додаваат оттаму.