ММФ: Македонија ќе биде меѓу најпогодените за јаглеродното приспособување
Македонија е една од земјите што ќе бидат најпогодени од механизмот за јаглеродно гранично приспособување (од англиски: Carbon Border Adjustment Mechanism – CBAM), чија почетна фаза почна да се применува во Европската Унија од 1 октомври минатата година. Оттогаш од увозниците се бара да ги пријават релевантните податоци за емисиите на јаглерод диоксид за производите што ги продаваат во ЕУ, но не се обврзани да ја плаќаат таксата (своевиден данок за емисиите) до 1 јануари 2026 година. Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во последниот заклучок за земјава по членот IV минатата недела предупредува на обврските од механизмот и последиците за Македонија.
„Северна Македонија е изложена на климатските промени и ќе биде под влијание на механизмот за јаглеродно гранично приспособување на ЕУ. Решавањето на овие предизвици меѓу другото бара и подобрување на деловното опкружување и владеење на правото и забрзување на зелената транзиција“, изјави Бо Ли, заменик на генералниот директор на ММФ.