Мицкоски за Џамбаски: Од што не знае што да направи повеќе буквално како циркузант во естрада се однесува за да добие некој политички поен
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во коментар на последните случувања со Бугарија денеска изјави дека предупредувале на ваквите случувања, како резултат на отстапките што ги направила нашата Влада. Другата страна, според него, влегува во т.н. конфликт, кој тој би го ставил на ниво на студена војна. Згрозен сум, вели Мицкоски, и очекува што е можно поскоро да се одржат предвремени парламентарни избори.
– Ова што го гледам е нешто на кое предупредувавме дека ќе се случува. Она што вознемирува е фактот дека оваа Влада и покрај сите отстапки и покрај се што беше побарано од неа, практично се отстапи, се потпиша, во интерес на зачувување на своите лични фотелји, гледаме дека другата страна влегува во еден т.н. конфликт кој би го ставил на ниво на студена војна, бидејќи колку што разбрав амбасадорот на нашиот источен сосед не е во државава, односно го задржале таму и не е дојден тука каде треба да ја извршува својата амбасадорска позиција, а тоа властите во Софија го правдаат како револт поради оној настан кој се случил во Охрид, изјави Мицкоски.
Тој истакна дека најпрво се излегло со тезата за прогласување персона нон грата, а потоа се повлекле.
– Што чекаат? Да дојде 4 февруари, па да се случат инциденти, па тие луѓе да предизвикаат и да провоцираат од маргинални политичари. Од буквално естрадни политичари претворија сега политички тешкаши со овие пинг-понг изјави коишто се случија сега во јавноста. Овој Џамбаз како се викаше овој европскиот политичар, како му беше презимето од што не знае што да направи повеќе буквално како циркузант во естрада се однесува за да добие некој политички поен повеќе на темата – Мрази ги и навредувај ги Македонците, мрази ја Македонија итн. Со тоа не направија буквално ништо, рече Мицкоски.