Мицкоски: Со закани и уцени се притискаат пратеници во Парламентот
Претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во коментар на најавите за ново парламентарно мнозинство на власта наведе дека „со закани и уцени се притискаат пратеници во Парламентот“ и оти со секој поминат ден, пред се, СДСМ губат по еден пратеник.
-Нема да влезам во трката во којашто се влезени полусветот управуван од раководството на ДУИ и СДСМ коишто со закани и уцени ги притиска пратениците во Парламентот. Со секој еден изминат ден тие губат еден пратеник, тука пред се зборувам на СДСМ. Колку побргу заминат толку помалку пеколен ќе биде нивниот крај. Колку подолго останат таму и колку подолго се вовлечени во криминал и корупција толку попеколен ќе биде нивниот крај, изјави денеска Мицкоски, во одговор на новинарско прашање при посетата на Општина Кисела Вода.
За ставот на премиерот Димитар Ковачевски „дека не гледа проблем во тоа дека граѓаните не се прашани за уставните измени“, Мицоски посочи дека „премиерот не излегол на избори, а откако е поставен државата продлжила да тоне“,
-Што очекувате од човек кој е поставен, излегол и не излегол на избори да ги праша граѓаните, да стегне рака, да ги погледне во очи? Тој човек не беше избран, ставен таму, една година помина еве откако е таму, кажете ми што се случи, дали имаме нешто што се подобри во државата. Сосема спротивно, државата продлжи да тоне и да се враќа назад. Менталната матрица на тој човек и на тие луѓе се такви, тие се назначени, не бирани, затоа што кога би сакале да бидат бирани, а генерал се станува во војна, во битка, тогаш треба да излезе на мегдан да видиме колку тежи и тогаш граѓаните ќе оценат дали тој треба да биде таму или не. Така што, јас од него, од таа ментална матрица, буквално не очекувам ништо.