
Мицкоски: Груевски е во тајна комуникација со владата за поделба на ВМРО-ДПМНЕ
Под наслов „Постојано нови барања за Северна Македонија“, германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг” донесува подолга статија на добриот познавач на регионот, новинарот Михаел Мартенс, кој водел разговор со лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во врска со пристапот на земјата кон ЕУ.
„Проширувањето на ЕУ повторно може да се ‘сопне’ на вето, зашто Бугарија ја блокира Северна Македонија. Шефот на опозицијата во Скопје се жали дека Софија систематски ја минира македонската државност“, пишува весникот, a пренесува DW, потсетувајќи на бројните перипетии со кои е проследен македонскиот евроинтегративен пат.
„На случајот на Северна Македонија идните недели би можело да се види дека европската политика на проширување и натаму е заглавена во ќорсокак. Земјата се наоѓа кратко пред повторна блокада на нејзиниот пат кон ЕУ, и тоа на непредвидливо време…
Земјата направи многу за да почне пристапни преговори, на барање на Грција го промени името во 2018 година и од Македонија стана Северна Македонија. Сега владата во Скопје е подготвена да се повини и на бугарското барање за влез во уставот на бугарското малцинство, но за уставни измени фали неопходното двотретинско мнозинство,“ пишува ФАЦ, a пренесува DW.
Мицкоски: Кој ни гарантира дека ова е последно барање на Бугарија?
„А со тоа пак ништо нема да се промени”, го цитира ФАЦ лидерот на македонската опозиција и како што вели, можен иден премиер, Христијан Мицкоски во интервјуто за весникот, продолжувајќи:
„Неговата конзервативна партија ВМРО ДПМНЕ, која со месеци има јасна предност во сите анкети, е спремна дури и на поддршка на бугарското барање, но под еден услов. Мицкоски предлага ‘условена уставна измена’, која би била донесена, но на сила би стапила на денот кога Северна Македонија ќе пристапи кон Европската унија: ‘Немаме ништо против Бугарите да бидат споменати во Преамбулата на нашиот Устав. Но, кој ни гарантира дека тоа е последното барање од Бугарија?’, прашува Мицкоски, отсликувајќи го не само темелниот дефицит на доверба кој во меѓувреме владее во однос на Бугарија, туку и кон ЕУ во целина,“ пишува ФАЦ, a пренесува DW.
„Преку овој компромисен предлог може да се надмине меѓусебната недоверба, се вели од конзервативната опозиција. Без ваква временски пролонгирана уставна измена, Бугарија само би ги злоупотребувала ЕУ-пристапните преговори за на Северна Македонија да ѝ поставува постојано нови ултиматуми и да се заканува со вето.
Пристапните преговори траат многу години, можни се блокади на многу места – а Бугарија не држи воопшто во тајност дека ќе има натамошни барања.
Факт е навистина дека бугарскиот претседател Румен Радев, како и националисти во Софија одамна покренуваат дополнителни барања: Северна Македонија мора да ‘признае’ дека македонскиот јазик произлегува од бугарскиот и е само негов дијалект. Скопје мора да ‘признае’ дека Македонците се огранок на бугарскиот народ или барем дека се развиле од него. Мора да ‘признае’ дека Македонците и Бугарите имаат ‘заедничка’ или ‘поделена’ историја.
Не смее исто така да се тврди дека бугарската окупација во Втората светска војна била окупација – така гласат некои од овие очекувања. Се бара дури и промена на натписите во музеите и на спомениците. Софија сака во соседната земја да воведе задолжителен државен наратив или да пропише широка лепеза на дозволени интерпретации, па дури и да изврши влијание врз пишувањето на македонските учебници“, пишува весникот ФАЦ.
„Бугарските барања се многу поекстремни од грчките“
„Вакви нешта не бараат само десно радикалните Бугари. Помислата на Северна Македонија да ѝ се постават идентитетско политички прописи стигнува дури до средината на бугарското општество. Крајно, истакнува лидерот на опозицијата Мицкоски, бугарските барања до Северна Македонија се поекстремни отколку што беа грчките било кога. Бугарската политика оди дури дотаму Македонците да треба да го негираат нивниот идентитет“, ги пренесува ФАЦ зборовите на Мицкоски.
„Всушност, во Бугарија веќе се подготвуваат следните нови конкретни барања. Во Софија се тврди дека во реалноста во Северна Македонија нема само 3.500 Бугари, според пописот, туку 80.000 Бугари. Имено, толку македонски државјани во изминатите години побарале бугарски пасош. Тоа што најголем дел од барателите на пасоши тоа го направиле првенствено затоа што со пасош на членката на ЕУ, Бугарија, можат да живеат или работат во сите земји-членки, во Софија не го признаваат.
Пасошот се гледа како изјаснување за бугарски идентитет. Македонците кои поседуваат бугарски пасоши уверуваат дека и натаму се сметаат за Македонци и дека нивната одлука за двојно државјанство има практични причини, но во Софија се тврди спротивното.

