
Мексико во страв поради новите царини на Доналд Трамп
Иако Трамп на 3 февруари одлучи привремено да ги суспендира овие тарифи на 30 дена, можноста за нивно воведување сè уште останува отворена.
Американскиот претседател Доналд Трамп планира да воведе царини од 25 отсто на целиот увоз од Мексико и Канада, бидејќи смета дека овие земји не прават доволно за да го спречат влезот на имигрантите и дрогата фентанил во САД.
– Чекаме и се молиме да се обидат да размислат за сите последици и да не го сторат тоа – изјави сопственикот на компанијата „Азтека вина и жестоки пијалаци“ Мели Барајас.
Иако Трамп на 3 февруари одлучи привремено да ги суспендира овие тарифи на 30 дена, можноста за нивно воведување сè уште останува отворена, пренесува Ројтерс.
Податоците покажуваат дека САД увезле текила во вредност од 3,8 милијарди долари во првите девет месеци од 2024 година, што е зголемување од 13% во споредба со истиот период во 2023 година. Во тој период овој пијалок го надмина комбинираниот увоз на виски, џин, рум, ракија и вотка.
Со оглед на тоа дека текилата и мескалот, за да го носат тоа име, мора да се произведуваат во Мексико, дополнителните царини значително би ја зголемиле цената на овие пијалоци за американските потрошувачи.
Барахас е загрижен дека повисоките цени на текилата би можеле да ги наведат потрошувачите во САД да се свртат кон алтернативни пијалоци. Исто така, обидот на нејзината компанија да се фокусира на други пазари како Германија, Шпанија и Русија би бил „бавен процес“.
Северноамериканските трговски здруженија силно се противат на потенцијалните царини, посочувајќи дека тие би можеле да ги загрозат работните места и дополнително да го комплицираат закрепнувањето на угостителскиот сектор, кој сè уште се бори со последиците од пандемијата на корона вирусот.