ЛАНИ СИЛНО ГИ УДРИ „СОЛИДАРЕЦОТ“ СО 4 МИЛИОНИ ЕВРА, АМА ИСПЛИВАА – што ја зголеми добивката на „Макстил“ во време кога приходите се речиси исти
Кога велиме челичарскиот гигант за домашната компанија „Макстил“, тоа не е
случајно, туку затоа што таа е навистина гигант. Ретки се тие што прават
приходи од над 100 милиони евра за период од девет месеци, но тоа му испеа на
„Макстил“ во првите три квартали од почетокот на годинава. Но, тоа не е така
само оваа, туку и претходната година, и тоа не е главната причина што добивката
на челичарската компанија се зголеми за една четвртина или прецизно за 25
отсто.
Или, да бидеме поконкретни, приходите од работењето што „Макстил“ ги
оствари во првите девет месеци од годинава се речиси идентични или само малку
помали од оние во истиот период од претходната, но затоа имаше една друга
причина што се зголеми добивката, а тоа е фактот што оваа година немаше за
плаќање солидарен данок како лани, што беше причина значително да се влоши неговиот
финансиски резултат.
Или, да ги изнесеме бројките за нештата да станат појасни.
„Макстил“ во периодот од јануари заклучно со септември годинава остварил
оперативни приходи од над 102 милиони евра, што е помалку за 3 отсто во однос
на истиот период од минатата година. Сето тоа или дури 99 отсто главно се должи
на приходи од продажбата, кои на компанијата и донеле 101,5 милиони евра, што е
за само еден отсто помалку од лани.
„Намалените
приходи главно се должат на намалената реализација како и променет соодносот
помеѓу директната
продажба на Макстил и договорите за преработка“, објаснуваат од компанијата.
Но, ако ги разделиме приходите, ќе видиме дека „затаиле“ всушност оние на
домашниот пазар, кои се и така многу помали од оние што компанијата ги инкасира
од извоз. Имено, „Макстил“ има за девет месеци остварено 8 милиони евра од
приходи од продажба на домашен пазар, што е намалување за дури 24 отсто во
однос на истиот период од минатата година. Затоа, пак, многу повеќе пари или
дури 93,4 милиони евра се остварени од продажбите на странските пазари, а што е
зголемување за 2 отсто во однос на минатата година.
Еве како од „Макстил“ го опишуваат своето работење. Според нив, 2024
е тешка година за глобалната побарувачка за
челик, поради опаѓање
на куповната моќ на домаќинствата, монетарно затегнување и ескалацијата на
геополитичката неизвесност.
„И
покрај предизвиците, има оптимизам дека глобалната побарувачка
за челик ќе влезе во фаза на умерен раст во наредната година. Тоа би требало да биде поттикнато од напредокот
во стабилизацијата на кинескиот сектор за
недвижности, приспособувањето на каматните стапки, деловните инвестиции, но и декарбонизацијата и дигиталната трансформација во големите глобални економии“, се вели во образложението.
Оствареното производство на
дебели лимови во првите три квартали на 2024 во производниот погон Валавница било зголемено за 0,45 отсто, но затаило во однос на поставениот производен план за
првите девет месеци, и тоа за 3 отсто.Затоа многу подобро одело во делот на производството на челичанските слабови, коесе зголемило за 5 отсто во однос на истиот период лани, а во однос на планираното производство
за првите три квартали растот е 13 отсто.
Ако се погледне расходната страна, ќе се види дека оперативните расходи се
94 милиони евра, што е за еден отсто помалку од претходната година, а од нив
најголем дел отпаѓаат на трошоците за суровини и материјали, кои биле на ниво
од 65,2 милиони евра, што е буквално исто како и претходната година.Еден од
позначајните трошоци се трошоците за вработените, кои изнесуваат 14 милиони
евра, и кај нив има зголемување за 11 отсто.
Како резултат на работењето компанијата остварила оперативна добивка од
рамно 5 милиони евра, што е зголемување за 8 отсто во однос на истиот период
лани. Но, „Макстил“ има многу поголеми финансиски расходи, кои биле 1,8 милиони
евра, наспроти финансиски приходи, кои биоле 760 илјади евра. Тоа прави ова АД
да има добивка по оданочување од 4,5 милиони евра, што е повеќе за 25 отсто во
однос на истиот период лани.
„Нето добивката е повисокa за 25 отсто од остварената во истиот период во
минатата година. Зголемувањето на добивката во голема мера се должи на
извршената задолжителна исплата на солидарниот данок во износ од 257 милиони
денари (4,2 милиони евра – н.з.),
којшто беше пресметан во септември 2023 и кој не произлегува од оперативното
работење на компанијата“, објаснуваат од
компанијата.
„Макстил“ уште наведува во своето опширно соопштение дека во овој период
инвестирале 2,3 милиони евра.
Добра вест е и тоа што се намалени обврските по кредити, така што тие сега
изнесуваат дури 31 и пол милиони евра, што значи дека уште се високи, но се
пониски во однос на декември 2023 година за 12,5 отсто, како резултат на нето-ефектот од нови
повлекувања и отплатени доспеани рати од кредитните линии.
Н.Н.Ф.