„Критични беа 10 секунди, немаше да излеземе живи“: Потресно сведоштво на Мартин Димитров за пожарот во Пулс
Денешното рочиште за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“, во кој животот го загубија 63 лица, беше обележано со потресни сведоштва на преживеаните, кои пред судот ги раскажаа драматичните моменти од кобната ноќ.
Еден од сведоците, Мартин Димитров, детално ја опиша паниката што настанала меѓу присутните, како и брзината со која се ширел огнот. Тој посочи дека токму неколкуте секунди биле клучни за да успее да се извлече од објектот заедно со својата девојка.
„Се истуркавме до излезот каде што се заглавивме. Додека бев на првата скала, се свртев назад и сè беше темно, почнаа да пукаат светилките“, изјави Димитров.
Според неговото сведочење, во моментот на избувнување на пожарот во дискотеката имало меѓу 600 и 700 лица. Тој истакна дека не забележал соодветна противпожарна опрема, освен означени стрелки за излез, додавајќи дека немало ниту противпожарни апарати ниту хидранти.
Сведочењето фрли дополнително светло врз околностите под кои се случила трагедијата, при што повторно се отворија прашања за безбедносните услови во објектот.