Ковачевски: Инвестираме во образованието и науката
Премиерот Димитар Ковачевски заедно со министерот за образование и наука, Јетон Шаќири денеска го посети Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, каде беше во обиколка на оваа високообразовна институција.
Премиерот ги посети двете лаборатории на универзитетот, како и реконструираниот амфитеатар во рамките на објектот, а беше во посета и на спомен собата на Гоце Делчев, во Ректоратот на Универзитетот.
Една од лабораториите наречена АМБИКОН, која функционира две децении, преку проект поддржан од Министерството за образование и наука се модернизира со нова напредна опрема за земање на примероци од аеросоли во амбиентен воздух и издувни гасови, како и нивна детална анализа со нова генерација на електронски микроскоп со ултра висока резолуција.
-Преку поддршката за модернизација на лабораторијата АМБИКОН на Универзитетот „Гоце Делчев“, која се издвојува со својот научно-истражувачки потенцијал во национални меѓутоа и меѓународни рамки, како Влада, ја истакнуваме нашата заложба за поддршка на проектите и инвестициите од областа на науката. Лабораторијата располага со опрема која е наменета за контрола на квалитативните и квантитативните параметри на амбиенталниот воздух во реални услови и реално време, како и на утврдување на нивото на персонална експозиција на одделни штетности, вели Ковачевски.
Ковачевски и Шаќири истакнаа дека со новата опрема, лабораторијата АМБИКОН се осовременува и надополнува, а со тоа и се зголемуваат нејзините можности и опсегот на мерењата за кои е специјализирана, што е уште една предност, покрај тоа што ќе нуди збогатување на знаењата на студентите и општата јавност.
-Инвестирањето во лабораторијата АМБИКОН не е само вложување во опрема.
Многупати досега сум зборувал на темата образование и секогаш кога зборувам на оваа тема, зборувам со голема доза на ентузијазам бидејќи верувам дека вложувањето во образованието е и вложување во иднината. Со други зборови, би сакал да нагласам дека преку инвестициите како што е оваа, инвестираме во нашите сегашни и идни генерации, инвестираме во науката, во образованието или да сублимирам-инвестираме во иднината на нашата држава, вели Ковачевски.
Владата и Министерството за образование и наука во новата опрема на лабараториите инвестираa 300.000 евра или 70 проценти, додека Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип 100.000 евра.
Премиерот Ковачевски најави и дека од вкупниот буџет за научно-истражувачка дејност за 2023 година, најголем дел се предвидени за национални научно-истражувачки проекти, потоа поддршка на научни трудови, организирање научни собири, учество на домашни истражувачи на меѓународни научни собири во странство, студиски престои во странство и престој на странски научни истражувачки тимови во Република Северна Македонија, како и надоместок за средства за објавени научни трудови во списание со импакт фактор.
-Понатаму, секоја година се доделуваат стипендии за учениците од средните училишта, како и за универзитетските студенти, на различни основи, како на пример, врз основа на приходите или академскиот успех.Веќе една година како воведовме стипендии за третиот циклус на студии во научните области од природните науки, математиката и техничко-технолошките науки. За годинава се предвидени 50 стипендии за студии од втор циклус во земјата од областа на природно- математичките и техничко-технолошките науки со месечна стипендија од 9.000 денари за девет месеци во годината. Планирани се и 15 стипендии за студии од трет циклус во земјата од областа на природно – математичките и техничко-технолошките науки, со месечна стипендија од 18.000 денари во текот на целата година, вели Ковачевски.
Посочи дека предвидени се и стипендии и уписнини за студии од втор и трет циклус во странство според Шангајската ранг листа, како и еднократен надомест за одбрана на магистерски и докторски трудови. Додека, пак, најголемите остварувања во областа на науката се потврдуваат со доделување на државната награда „Гоце Делчев“.