Костадиновски: Нека бидат спокојни граѓаните никој нема да го чепне албанскиот јазик!
Претседателот на Уставниот суд, д-р Дарко Костадиновски, во интервју за емисијата „Со факти“ на МРТ 1 се осврна на актуелните теми поврзани со одлуките на Судот, позицијата на судската власт, Законот за употреба на јазиците, Колективниот договор за култура, уставната тужба и реформите неопходни за зајакнување на институцијата.
Законот за употреба на јазиците – Уставниот суд нема намера да ги ограничува правата
Костадиновски ги демантираше политичките шпекулации околу Законот за употреба на јазиците, нагласувајќи дека Судот постои за да ги заштити и унапреди уставно загарантираните права.
„Никој нема да го чепне албанскиот јазик. Уставниот суд постои за да ги заштити правата на сите граѓани, без разлика дали станува збор за јазични права или правична застапеност. Сите тврдења дека некој сака да го укине или намали употребата на албанскиот јазик се неточни“, рече Костадиновски.
Тој додаде дека одлуките на Судот ќе ја олеснат практичната примена на правата:
„Нашите одлуки можат само да ја олеснат примената на албанскиот јазик, така што нашите сограѓани Албанци да бидат спокојни – никој нема да го чепне јазикот.“
Платите на судиите и независноста на судската власт
Претседателот Костадиновски истакна дека поништувањето на измените за платите на судиите е од суштинско значење за независноста на судската власт.
„Судската власт ужива најсилни гаранции за независност и самостојност. Намалувањето на платите директно ја загрозува материјалната независност, која е составен дел од статусната независност на судовите“, објасни Костадиновски.
Тој нагласи дека меѓународните стандарди, како Европската повелба на судиите и препораките на Венецијанската комисија, јасно укажуваат дека платите на судиите не смее да се намалуваат, дури ни во време на криза.
Во однос на Колективниот договор за култура, Костадиновски појасни дека Судот ги разгледува сите одредби кои можат да бидат уставно спорни, а конечната одлука ќе ја утврди по објавувањето на решението.
Прозрачност и доверба во јавноста
За зголемување на транспарентноста, Уставниот суд започна со пренос во живо на своите седници. Костадиновски истакна дека ова е радикален чекор во насока на отворање кон јавноста и враќање на довербата во институцијата.
„Нашите одлуки се однесуваат на сите граѓани. Јавноста има право да ги знае правните размислувања на уставните судии и да го следи процесот на донесување одлуки. Преку максимална транспарентност се гради доверба“, рече претседателот.
Зголемен интерес од граѓаните