Косовската полиција тврди дека Србите кон кои пукаа се криминалци, едниот бил вмешан во 80 кривични дела
За настанот кој вчера предизвика тензии на Косово, косовската полиција синоќа објави дека двете лица кои со автомобил удриле во полициско возило во селото Бистрица во општина Лепосавиќ, од кои едниот од нив полицајците го раниле при бегството, имале криминално досие.
Полицијата вели дека презела оперативни истражни дејствија на службена должност и идентификувала двајца осомничени, а од проверките е утврдено дека се вмешани во криминални активности. Мажот со иницијали Д.С. (32), се сомничи дека е вмешан во повеќе од 80 кривични дела, како убиство, принуда, поседување оружје без дозвола, напад, попречување службено лице во вршење на службената должност, закани, тешка кражба, предизвикување општа опасност, грабеж и слично. Уште едно лице М.Д. (38), се сомничи дека е вмешано во 17 кривични дела и тоа убиство, принуда, поседување оружје без дозвола, тешка кражба, тешка телесна повреда, неовластено преминување на граница, манипулација на докази и три прекршоци.
Канцеларијата на Владата на Србија за Косово и Метохија информираше дека припадници на полициската единица Роса пукале во возило во кое се наоѓале двајца Срби и тешко го раниле возачот. Како што велат, Миљан Делевиќ е ранет во левата страна на градниот кош, додека неговиот совозач Душан С. поминал без повреди.
Повредениот Србин заврши во болницата во Краљево.
фото Ројтерс