
Косово тврди дека оружјето најдено на северот е доказ дека се спремала ескалација
Последната рација во северно Косово покажува дека имаме работа со добро организирани терористи, вели косовскиот министер за внатрешни работи, Џелал Свечља.
Тој изјави дека оружјето што неодамна беше конфискувано при рација во неколку локации во косовскиот север уште еднаш го покажува нивото на подготовки за напади и ескалација од страна на Србија, јави дописникот на МИА од Приштина.
„Овие мини и софистицирани уреди се уште еден доказ за тоа. Дали се потребни други докази дека имаме работа со добро организирани терористички групи“, напиша Свечља.
Во саботата полицијата изврши рација на седум локации во Северна Митровица, Лепосавиќ и Бањска, на северот на Косово, при што се пронајдени рачни минофрлачи, експлозиви, противпешадиски мини, електрични и механички детонатори, часовник за активирање и друга опрема. Претходно, вооружена група изврши напад во Бањска, каде загина еден косовски полицаец. Загинаа и четири Срби од групата.
Фото: Косовска полиција