
КОЛКУ ЌЕ ПОСКАПАТ ЈАЈЦАТА, БРАШНОТО, СИРЕЊЕТО, ЈОГУРТОТ…? – Нема веќе ограничување на маржите
Одлуката за ограничување на трговските маржи со која беа опфатени белиот леб, шеќерот, сончогледово масло, брашното од пченица, тип 400 и тип 500, макароните и шпагетите, оризот, трајното кравјо млеко, јајцата, урдата, сирењето, кашкавалот, киселото млеко, павлаката и јогуртот истече. Со ова, се создадоа можности цените на овие производи слободно да се формираат на пазарот, поради што граѓаните стравуваат од поскапување на истите уште од денеска.
Од Министерството за економија велат дека состојбата се следи и дека засега домашните цени се стабилизирани.
– Со оглед дека на пазарот имаме стабилизирање на домашните цени кои се резултат на стабилизирање на берзанските цени на суровинските компоненти од увоз и цените на електричната енергија, цениме дека по завршување на рокот на примена на Одлуката на трговските маржи, 30 јуни, домашните цени треба да продожат да се утврдуваат според пазарни услови – велат од Министерството.
Според оваа институција, долгорочна примена на трговски маржи во услови кога не постои неизвесност на перманентен раст на берзанските цени, може да доведе до спротивен ефект на пазарните услови поради наметнување државна контрола на цените и намалување на конкурентноста кога не сe објективни причинитe за тоа.
– Доколку пазарот оцени дека треба да има продолжување на рокот, тоа ќе го спроведеме. Засега ја следиме состојбата со цените на суровините и енергенсите на светските берзи. Тие цени главно ќе ги диктираат условите и потребата од продолжување на мерката или пак ќе оставиме производителите и трговците да покажат општествена одговорност кон потрошувачите по завршување на рокот на мерката – додаваат од Министерството за економија.
Владата на крајот на април одлучи да го продолжи ограничувањето на трговските маржи за основните прехранбени производи до 30 јуни. Со Одлуката, највисоката трговска маржа за бел леб (сечен на парчиња или цел), бел шеќер и сончогледово масло за јадење (без ладно цедено масло) се утврди во висина до 5 проценти во трговијата на големо и на мало. Највисоката трговска маржа, пак, за брашно од пченица – тип 400 и тип 500, макарони и шпагети од тврда пченица, македонски ориз бел, трајно кравјо млеко со масленост од 2,8, 3,2 и 3,5 отсто, јајца од кокошка, урда, кравјо бело сирење и мешано бело сирење, кашкавал, кисело млеко и павлака и јогурт, се утврди во висина до 10 проценти во трговијата на големо и мало.
Бидејќи одлуката се однесуваше на ограничување на маржата многу граѓани посочуваа дека и изминатиов период има раст на цените на дел од производите кои се на листата. Поради ова, граѓаните сметаат дека од денеска ќе има уште поголем раст на цените.

