Кој ќе се најде на листата? – САД ќе објават имиња на лица кои ги прекршиле законите
Во САД се разгледуваат соодветни санкции за поединци кои ги прекршиле американски закони и норми. Веројатно во претстојните месеци ќе видиме едно или можеби неколку имиња.
Овој одговор го даде амбасадорката на САД, Анџела Прајс Агелер на прашање постaвeно на панел дискусијата „Ајде да зборуваме за предизвиците и иднината на Северна Македонија“ што се одржа во Центарот за млади во заедницата (YCC) – Гостивар.
Прашањето се однесуваше на објавувањето список на корумпирани функционери во Северна Македонија и на тоа дали некои лица се под истрага на американската влада и институции.
-Нема само еден список. Всушност, има неколку бидејќи американската влада има неколку сектори кои се занимаваат со корупцијата и не е единствен список што доаѓа со многу имиња на него и тука да ја завршиме работата. Бидејќи, корупцијата тука е тековно прашање, не дека ќе излезе некаков список и работата ќе застане, рече Агелер.
Таа потенцира дека Амбасадата на САД и нејзиниот тим се во посотојан контaкт со функционери во Вашингтон, со секторот финансии, со Стејт Департментот, со конзуларното биро каде се разгледуваат визни санкции, економски санкции, Советот за национална безбедност.
-Тоа е непрекинат процес при што се разгледуваат соодветни санкции за поединци зависно од тоа каков тип на американски закони и норми прекршиле и САД повеќе да не ги прими. Веројатно во претстојните месеци ќе видиме име, можеби неколку имиња, но тие ќе излегуваат и во следните месеци и години, онака како што ќе се движат истрагите во Вашингтон, нагласи таа.