КОЈА Е ВТОРАТА БУГАРСКА ФИРМА ШТО УЧЕСТВУВАШЕ НА ТЕНДЕРОТ ЗА НАБАВКА НА ГАС? – нема лиценца за работа во земјава, а еве и други детали
Втората фирма од
Бугарија, „Актаел“, што учествуваше на неодамна завршениот јавен повик за
набавка на природен гас, нема лиценца за работа во Македонија, туку таков
документ поседува само за пазарот на нашиот источен сосед.
Бугарската
регулаторна комисија на „Актаел“ и ја издала оваа лиценца на 23 јуни 2022 година,
но бидејќи таква не поседува за нашиот пазар, компанијата автоматски не ги
исполнува условите за учество на јавниот повик којшто најпрво требаше да заврши
на 24 јануари, меѓутоа, без објаснување беше продолжен до следниот ден до 13
часот, велат дел од познавачите на пазарот.
Ова е само еден
од сомнежите што се отворија откако „ЕСМ продажба“ преку соопштение ја
информира јавноста дека гас за февруари ќе обезбеди од „Балкан Јутилитис“,
микропретпријатие што го доби тендерот и за јануари. Тенденцијата да се купува
поскап гас од оваа фирма, која што државата ја чинеше над милион евра повеќе за
јануари, продолжува и во февруари.
Според последните проценки и во зависност од
потрошувачката, државната компанија што раководи со топланите за енергенсот
може да плати дополнителни еден до три милиони евра, сума што може да се
избегне, доколку се следат берзанските текови.
Тој принцип, пак, го
почитува нашата домашна компанија „Макпетрол“, од каде што соопштија дека не учествувале во повикот, бидејќи не сакаат да бидат покритие на тендери што фаворизираат само една фирма.
Македонската компанија со дел од медиумите сподели дека цената на „Макпетрол
Пром-Гас“ вчера изнесуваше 71 евро за мегават-час. На јавниот повик, од друга страна, „Балкан Јутилитис“ понудиле 98,71 евра за MWhа, а „Актаел“ 99,83 eвра за MWh. Ова значи дека потрошувачка на максимално побараните 3.500
MWh државата ќе мора да плати речиси три милиони евра повеќе, односно
2.715.580 евра.
Што се однесува,
пак, до „Актаел“ симптоматично
е што компанијата досега не закупила капацитет од бугарскиот оператор „Булгартрансгас“, а тоа е клучно ако истата има намера да го
транспортира енергенсот до Македонија. Оттука, нејасно е како е можно да се
дозволи ваква фирма да учествува на повикот, како и зошто таа воопшто би се
пријавила да учествува во него, ако во меѓувреме не ги исполнила барем
основните предуслови за да обезбеди гас во земјава, во случај да победи да
тендерот.
Поврзаноста меѓу
ЕСМ и „Актаел“, сепак, не започнува од овој јавен повик за набавка на гас. Оваа
бугарска фирма во јули 2022 година на македонската државна компанија и продала
блок-трансформатор за РЕК Битола за речиси 6,5 милиони евра. И покрај тоа што
се работи за значителни средства, за оваа набавка не е спроведен тендер,
односно истата е направена со непосредна спогодба. Блок-трансформаторот доцнеше
со испорака, што резултира со одложување на стартот со работа на третиот блок
во РЕК Битола. За ова доцнење, државата ќе мора да плати околу 200 илјади евра
пенали, а додека овој процес течеше, Македонија беше принудена да увезува
струја за која што плати над 40 милиони евра.
Ако овие
информации за „Актаел“ се земат предвид, како и фактот што државата повторно
избра да купи гас по фиксна цена од „Балкан Јутилитис“, за којшто ќе плати
милионски суми повеќе од потребното, се отвораат низа дилеми за исправноста на
енергетската политика на државните институции. Прашање е дали некој ќе сноси
одговорност за тоа што во текот на огромна криза, се трошат милиони евра за
купување скап гас, а притоа енергенсот е најевтин на берзите.