
ИМА ЛИ КАНДИДАТИ ЗА УПРАВНИОТ ОДБОР НА МАКЕДОНИЈА ПАТ: Владата распиша оглас, рокот за пријавување е краток?!
Се бараат шест нови членови на Управниот
одбор на Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистралните и
регионалните патишта – Скопје. Нивниот мандат, како што објавува Владата ќе
биде четири години, и тие имаат право на уште еден мандат.
Член на УО на ова јавното претпријатие, попознато како Македонија пат може
да биде лице кое е државјанин на земјата и има високо образование. Исто така членовите не смеат
да имаат забрана за вршење на професија, дејност или должност, но се бара и соодветно
работно искуство. Имено, два члена на управниот одбор треба да имаат пет години
работно искуство од областа на јавното претпријатие, најмалку еден член да има
најмалку три години работно искуство од областа на финансиско работење, еден
член треба да има три години работно искуство од областа на правните работи и најмалку
еден член на УО да има најмалку три години работно искуство од областа на
техничките науки.
Членовите на УО ги именува,
односно разрешува основачот на јавното претпријатие, односно Владата.
Кандидатите кои сакаат да се
пријаваат, треба да знаат дека член на управниот одбор не може да има лично, преку трето лице или по било која основа, интереси во
претпријатие или трговско друштво кое е во деловни односи со јавното
претпријатие, кои можат да имаат било какво влијание на неговата независност и
непристрасност во одлучувањето во јавното претпријатие. Секој член на управниот одбор, е должен да го предупреди основачот на
постоењето на ваков интерес кај еден или повеќе членови на Управниот
одбор.
– Неспојливи се
функцијата претседател и член на управниот одбор на јавното претпријатие со
функциите претседател и членови на Владата на Република Северна Македонија – се нагласува во огластот објавен на
веб страната на Владата.
Претседателот и заменик
претседателот на УО се избира на првата седница на одборот.
Членовите на Управниот одбор примаат надомест за
работата и членството во одборот во висина од
10 до 12 илјади денари. Поточно претседателот добива 12.000 денари, заменик
претседателот 11.000 денари и членовите по 10.000 денари.
Сите заинтересирани може да се
пријават најдоцна до 25 декември оваа година. Постапката на селекција на
кандидатите ќе ја спроведе Комисијата за човечки ресурси и одржлив развој на
Владата.
Македонија пат, е всушност задолжено за надрградба и поправка
на дотраени коловози, санација на свлечишта и заштита на трупот на патот, решавање
на црни точки, уредување на приклучоци, паркиралишта и автобуски постојки, обнова
на сообраќајна сигнализација и патна опрема, садење на заштитни шумски појаси и
хортикултурно уредување, како и санација и зајакнување на мостови.
Во нивната надлежност е и зимската
сужба, што подразбира одржување на патиштата во зимски услови, но тие исто така
треба и тековно да ги одржуваат магистралните и регионалните патишта, како и
поправка на коловозот, крпење на ударни дупки, но и модернизација и рехабилитација
на патишатата. Вработените во ова претпријатие треба да ги одржуваат и
електричните инсталации, хоризонталната и вертикалната сигнализација, но и
оградите и мрежите.
П.О.

