
И ОФИЦИЈАЛНО ПОТВРДЕНО: Италијанската компанија „Брера Холдинг“ купи 90 отсто од акциите на Академија Пандев
Фудбалскиот клуб на нашата позната спортска икона Горан Пандев е дефинитивно продадена на италијанската компанија „Брера Холдинг“, односно странската фирма станува сопственик на 90 отсто од акциите.
Со ова се потврдува информацијата која уште пред неколку дена ја објави Фактор, токму за купување на 90 отсто од акциите на Академија Пандев, преку берзанска блок трансакција.
„Согласно член
166-б од Законот за хартии од вредност објавуваме промени во сопственичката
структура на над 10 отсто на Акционерското друштво Фудбалски Клуб АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ АД
Струмица.
Ве известуваме
дека акционерот „Brera Holdings PLC“ со ЕМБС 721923 со
седиште на 5th Floor Rear, Connaught House 1 Burlington Road Dublin 4 Ireland, имател на 2.250
обични акции, се стекна со 90 отсто од вкупниот број на акции од вредност во
Друштвото“, се вели во известувањето кое самата компанија ја испратила до Берзата.
Според податоците од Берзата, во еден наврат, односно во блок трансакцијата, биле продадени 2.250 акции на ФК Академија Пандев, по цена по акција од 16.480 денари, или во вкупен износ од нешто над 37 милиони денари, што, пак, е рамно на 603 илјади евра. Изразено во проценти, тоа значи дека преку блок трансакција биле продадени 90 отсто од Фудбалскиот клуб Академија Пандев, за сума од 603 илјади евра.
Во нашиот текст потсетивме дека уште во февруари годинава беше навестено дека силна италијанска компанија, која котира и на Њујоршката берза Насдак, ќе купи значаен декл од акциите на ФК Академија Пандев. Практично, спортските медиуми во февруари објавија дека италијанската компанија „Брера Холдинг“ излегла на њујоршката берза Насдак, и на јавна понуда собрала околу 8 милиони долари, од кои дел ќе треба да инвестира и во македонскиот прволигаш Академија Пандев.
Брера е аматерски клуб од Милано, трет во градот, по италијанските гиганти Интер и Милан. Инаку, нашата фудбалска легенда Пандев, како што пишуваат спортските медиуми, е член на бордот на оваа американско-италијанска компанија.
Тие тогаш најавија дека го почнуваат проектот во кој прва цел е купопродажбата на Академија Пандев, и една комплетна реконструкција од лето, со цел ова да стане вистински фудбалски бизнис. Струмица, како што пишуваа медиумите, треба да биде центарот на проектот зашто европскиот фудбалски пазар е најголем и најмоќен за промоција на фудбалери, чија продажба треба да го направи многу исплатлив комплетниот фудбалски проект со инвестициите на „Брера Холдинг“ низ светот и создавање на една мрежа на клубови низ која најголемите таленти преку струмичкиот прволигаш потоа би се пласирале во клубови на стариот континент.
Н.Н.Ф.
