ГРЦИТЕ ГО ОПОМЕНУВААТ РАМА: Патот на Албанија кон Европа поминува преку Грција
Грчките власти велат дека патот на Албанија кон Европа поминува преку Грција.
„Патот на Албанија кон Европа поминува преку Грција и предуслов што не може да се заобиколи е почитувањето на грчкото етничко малцинство во Албанија“, изјави портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис на денешниот редовен брифинг, одговарајќи на новинарско прашање за ставот на албанскиот премиер Еди Рама изразен вчера во Солун, јави дописничката на МИА од Атина.
Рама одржа средба со Албанците кои живеат во Солун, каде што, според грчките медиуми рекол дека фразата „Северен Епир“ што во Грција се користи за јужниот дел на Албанија каде што живее грчкото малцинство е „мртов термин“ и дека „оној кој го користи овој термин кога зборува за југот на Албанија покажува дека не сака да живее во 21 век.“
Во Грција има реакции за изјавата на Рама.
„Може за Рама Северен Епир да не постои, но претпоставувам дека е очигледно дека постои грчко етничко малцинство во Албанија, кое има свои права, чие што почитување, но и целокупното почитување на грчкото етничко малцинство во Албанија, е експлицитен предуслов за пристапниот процес на Албанија, според едногласниот став на 27-те земји членки, како што со правилно укажа Министерството за надворешни работи“, додаде Маринакис.
Рама на Албанците во Грција им вети дека ќе потпише договор за тие да го учат својот мајчин јазик. Албанскиот премиер го посети Солун, а претходно во мај беше во Атина исто на средба со грчкото малцинство. Албанија минатиот месец ги почна преговорите со ЕУ.