ГЕРМАНСКИТЕ КОМПАНИИ ЈА ТЕСТИРАА ЧЕТИРИДНЕВНАТА РАБОТНА НЕДЕЛА: Кај работниците се намалил стресот, а здравјето е подобрено
Компании во Германија тестираа четиридневна работна недела и резултатите од ефектите се познати.
Четириесетина компании им oвозможија на своите вработени да работат четири дена во неделата без да им ги намалат платите.
Претходно годинава околу 45 германски компании почнаа проект за 4-дневна работна недела за да откријат дали ваквата фундаментална промена во начинот на кој работиме може да даде позитивни резултати за работодавците и за вработените.
Компаниите шест месеци ги следеа истражувачите од Универзитетот „Минстер“ во Германија. Пилот-проектот го иницираше берлинската компанија „Интрапренор“ во соработка со непрофитната организација 4DWG (4 Day Week Global).
За објективно да се проценат ефектите од намаленото работно време, истражувачите не направиле само анкети и интервјуа, туку и анализа на примероци од коса за да го измерат нивото на стрес, а користеле и апарати за да соберат физиолошки податоци како отчукувања на срцето, ниво на активност и квалитет на спиењето.
Џулија Бакман, водич на пилот-проектот, вели дека вработените генерално се чувствувале подобро кога работеле помалку часови, а останале исто продуктивни како и со петдневната работна недела. Во некои случаи продуктивноста била и поголема.
Учесниците пријавиле значителни подобрувања во менталното и физичкото здравје, имале помали нивоа на стрес и симптоми на исцрпеност, што било потврдено од податоците.
Наодите на Бакман велат дека двајца од тројца вработени пријавиле помало одвлекување на вниманието. Повеќе од половина од компаниите ги редизајнирале своите состаноци за да ги направат поретки и пократки, а една од четири компании усвоила нови дигитални алатки за зголемување на ефикасноста.
Слични експерименти имаше и во други земји за да се види како работната недела од 4 дена ќе влијае на работниците.
foto freepik.com