
Европскиот шампион гази и НБА тимови: Реал со спектакуларен пресврт до победа против Далас
Шпанскиот гигант славеше со 127-123, благодарение на неверојатниот пресврт во последната четвртина во која постигна 37 поени, а Факундо Кампацо, Гершон Јабуселе и Венсан Поарие беа клучни во тој спектакл. Во тие 12 минути, Кампацо реализира 14 од своите 20 поени, Јабуселе додаде 9, а токму со неговата тројка, Реал успеа да израмни на 118-118.
На стартот од последната четвртина, Далас имаше 12 поени предност (102-90), на средина од периодот водеше со +11 (112-101), а потоа Реал направи 26-11 за конечна победа и еуфорија во Визинк центарот. За мадридскиот тим ова е трета победа во историјата против НБА екипи и на најдобар начин го оправдаа епитетот европски шампион.
Мора да се истакне дека Лука Дончиќ на овој натпревар одигра само пет минути бидејќи така одлучи стручниот штаб на Маверикс предводен од Џејсон Кид. Во негово отсуство, најефикасен беше Тим Хардавеј со 21 поен. Далас во подготвителниот период има биланс 0-3 откако претходно два пати загуби од Минесота во Абу Даби.

