
Еврокомесарката Марта Кос најави почеток на преговорите со Македонија по усвојување на уставните измени
Еврокомесарката за проширување, Марта Кос, денеска во Европскиот парламент истакна дека ЕУ е подготвена да започне преговори со Северна Македонија по Кластерот „Основни вредности“ веднаш штом ќе бидат усвоени потребните уставни измени во земјата.
„Бугарија и Македонија треба интензивно да разговараат и да најдат решение за билатералното прашање. Јас сум на располагање како олеснувач доколку е потребно“, порача Кос во воведното обраќање на дебатата за проширувањето на ЕУ, состојбите во Украина и соседската политика.
Таа нагласи дека проширувањето е повеќе од формално проширување – тоа е процес на обединување на Европа околу заеднички вредности и принципи, неопходен за создавање посилна и побезбедна Европа.
„Живееме во време на длабока трансформација на меѓународниот поредок и во интерес на безбедноста и иднината на континентот, потребно е да заврши обединувањето на Европа“, додаде Кос.
Еврокомесарката истакна дека Европската Унија треба да биде подготвена да проектира стабилност и мир не само во Европа, туку и во стратешкото соседство во Централна Азија и Медитеранот.