ЌЕ СЕ ВОВЕДАТ ЛИ ЕЛЕКТРОНСКИ АЛКИ ПРИ КУЌЕН ПРИТВОР И КУЌЕН ЗАТВОР? Јанев и Пандов разговараа за состојбата во затворите
Актуелните состојби во казнено-поправните установи, со посебен акцент на КПУ „Идризово“ и КПУ „Скопје“ се дел од темите на кои на денешната средба разговараа директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев и директорот на Управата за извршување санкции, Александар Пандов.
Министерството за внатрешни работи соопшти дека фокусот бил на зајакнувањето на оперативно-разузнавачките капацитети во затворите, навременото откривање и предвидување на безбедносните ризици, како и спречувањето криминални активности поврзани со затворскиот систем.
„Беше разговарано и за воведувањето електронски надзор со електронски алки при извршувањето на куќниот притвор и куќниот затвор“, соопшти МВР.
На средбата била истакната важноста на континуираната размена на информации, меѓуинституционалната соработка и координираното постапување, со цел навремена превенција, поефикасно спречување на криминалот и унапредување на безбедноста на граѓаните.
„Двете институции продолжуваат со партнерски пристап и координирани активности за зајакнување на безбедносните капацитети, во интерес на граѓаните и стабилноста на државата“, посочуваат од МВР.
.
Извор: plusinfo.mk