
Драма на небото! Авион влета во турбуленции, седум повредени: „Мислев дека ќе се распадне авионот“
Авион на „Рајанер“ што леташе од Берлин до Милано мораше итно да слета на аеродромот Меминген откако наиде на силни турбуленции за време на летот над Баварија, каде што беснееше бура.
Седум патници се повредени, а двајца се однесени во болница.
Патниците го опишаа стравот што го доживеале.
„Никогаш порано не сум се чувствувал толку исплашен – во тој момент помислив дека авионот ќе се распадне!“, изјавил еден патник за германски „Билд“, пренесува „Шпигел“.
Фотографиите од кабината покажуваат оштетени кровни панели и преплашени патници. Некои патници не носеле безбедносни појаси во моментот на турбуленцијата, а екипажот наводно не дал добри инструкции.
Службите за итни случаи веднаш интервенирале на аеродромот. Иако ничиј живот не бил во опасност, еден патник претрпел сериозна повреда на главата. „Рајанер“ досега официјално не коментирал за инцидентот, а патниците се пренасочени кон други летови.