
„ДОСТА Е, ЌЕ ВЕ ТУЖАМ!“: Заев со жесток демант до ВМРО-ДПМНЕ – негира поврзаност со канабисот и облакодерите во Дубаи
Поранешниот премиер Зоран Заев ја прекина својата медиумска тишина и упати ултиматум до владејачката ВМРО-ДПМНЕ и пратеникот Бране Петрушевски. Тој бара итно јавно извинување за, како што вели, континуираните лаги и конструкции, во спротивно најавува тужба за клевета.
Заев, кој потсетува дека веќе пет години е надвор од политиката, реагира на обвинувањата дека е вмешан во случајот со запленетиот медицински канабис поради несоодветно складирање.
Експремиерот категорично ги отфрла наводите дека интервенирал во институциите за случајот со марихуаната.
Покрај актуелниот случај, Заев ги наброја и другите обвинувања кои кружат во јавноста откако ВМРО-ДПМНЕ е на власт, нарекувајќи ги „одвратни лаги“. Тој негира дека гради 40-катници во Дубаи или дека врши притисок за преземање на приватни болници.
Заев потсети дека и покрај настаните од „Крвавиот четврток“, тој не барал одмазда и досега избегнувал тужби, борејќи се за слобода на говорот. Сепак, вели дека трпението му е при крај.

