
Девет македонски државјани побарале евакуација од Израел – МНР со нови детали
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираше за актуелната состојба со македонските државјани на Блискиот Исток, во услови на зголемени безбедносни ризици во регионот.
Според официјалните податоци, досега вкупно девет лица побарале асистенција за евакуација од Израел. Од Министерството посочуваат дека планот за евакуација е условен од моменталната состојба, имајќи предвид дека воздушниот простор останува затворен најмалку до понеделник.
По неговото повторно отворање, како што информираат од МНР, ќе бидат разгледани можностите и моделите за организирање евентуална евакуација, во согласност со безбедносните околности.
За разлика од Израел, во дипломатско-конзуларните претставништва во Доха и Абу Даби до овој момент не е поднесено ниту едно барање за евакуација од страна на македонски државјани.
Амбасадите на Северна Македонија во регионот остануваат во постојан контакт со граѓаните и се целосно на располагање за помош, координација и обезбедување на потребните информации.
