
Десет загинати и 57 повредени во сообраќајна несреќа во северозападна Турција
Десет лица загинаа, а 57 се повредени утринава во верижна несреќа во округот Сакарија во северозападна Турција, јавува Anadolu Agency.
Во сообраќајката на автопатот Северна Мармара во правец кон Истанбул учествувале седум возила, меѓу кои три автобуси и еден камион. Засега не се познати причините за сообраќајната несреќа.
На местото на настанот пристигнаа жандармерија, пожарникари, медицински екипи и претставници на Управата за управување со катастрофи и вонредни состојби (АФАД).
Гувернерот на Сакарија, Јашар Карадениз изјави дека според прелиминарните информации, во несреќата загинале 10 лица, а 57 се повредени, од кои седум потешко. Некои од повредените се хоспитализирани.
Продолжува работата за отстранување на автомобилите вклучени во сообраќајката од коловозот. Сообраќајот на автопатот во правец на Истанбул е запрен.
Обвинителството на округот Сакарија отвори истрага за несреќата.
Министерот за правда Јилмаз Тунч рече дека „за истрагата се назначени тројца обвинители, кои работат под раководство на заменик-главниот обвинител“.