
Центар најскап, Чаир најевтин: Нови податоци за цените на становите!
Пазарот на недвижности бележи зголемена активност и значителни разлики во цените меѓу скопските општини, покажуваат најновите податоци од Агенција за катастар на недвижности и Регистарот на цени и закупнини.
Највисоката цена по метар квадратен е евидентирана во општина Центар, каде максимумот достигнал 232.722 денари. Воедно, Центар останува најскапата локација со просечна цена од 104,3 илјади денари за квадратен метар. На спротивниот крај од ценовната скала е Чаир, каде најниската регистрирана цена изнесува 19.543 денари за метар квадратен.
Според обемот на реализирани продажби, Аеродром е водечка општина со 240 продадени станови, по што следуваат Чаир, Центар и Карпош. Овие податоци упатуваат на стабилна побарувачка, особено во урбаните средини.
Од Катастарот оценуваат дека растот на бројот на трансакции може да се поврзе со подобрени услови за финансирање и зголемена доверба во пазарот на недвижности. Во втората половина од годината се регистрирани вкупно 17.603 трансакции, што претставува пораст од 6,4 проценти во однос на истиот период во 2024 година.
Иако повеќето градови бележат позитивен тренд, пад на продажбата е евидентиран во Струмица и Битола, што укажува на различна динамика на локалните пазари.
Податоците покажуваат дека интересот за недвижности останува висок, но ценовните разлики меѓу општините и градовите сè повеќе го обликуваат изборот на купувачите.
