Борисов бара разрешница на случајот „Пендиков“ – „Се поткопуваат огромните напори на Бугарија за придвижување на Македонија и Албанија кон ЕУ“
Поранешниот премиер и претседател на ГЕРБ, Бојко Борисов ги повика македонските власти да ги изведат пред правдата лицата кои го претепаа секретарот на охридскиот бугарски културен клуб “Цар Борис трети”, Христијан Пендиков.
Според него, ваквите настани ги поткопуваат огромните напори на Бугарија кои ги направиле за да ги придвижат Северна Македонија и Албанија кон членство во Европската унија.
„Сега има кривично дело, пукање, тепање, му е скршена вилицата, тоа е средно тешка повреда. Се додека не ги најдат виновниците и не ги изведат пред лицето на правдата, ние ќе се залагаме тоа да се случи”, вели Борисов.
Тој кажа и дека во овој случај гледа обид за намерно враќање на С Македонија под руско влијание и дека на тоа сценарио се работи многу активно.
„Во никој случај не треба да бидете заведени. Најдоброто нешто за Бугарија е Северна Македонија и Албанија да бидат во Европската Унија и НАТО“, рече Бојко Борисов.