
Апостолов: Не го признавам МЗТ за фаворит во финалето, ако играме како денеска – сѐ е можно
Тоа ќе биде шанса гевгелискиот клуб да го освои првиот трофеј во својата историја и да го прослави пред своите навивачи. Тренерот Апостоли Апостолов е презадоволен од она што се случуваше вечерва и најави жестока борба за пехарот, па дури и го предзизвика МЗТ Скопје.
„Прво би сакал да им се заблагодарам на моите кошаркари, имав четворица повредени играчи уште од пред четвртфиналето, сите стиснаа заби и одиграа максимално ангажирано и одговорно. Секоја им чест, утре одиме да играме со МЗТ Скопје, што и да биде, ние играме на домашен терен, играме за нашиот град и ќе дадеме се од себе.
Јас не признавам фаворити, МЗТ Скопје е шампион, но јас не мислам дека е фаворит. Играме дома, ние сме шест играчи, тие се пет, ако одиграме како денеска, се е можно во финалето. Ова е голем успех за нашиот проект бидејќи во прв план се кошаркарите од Гевгелија, тоа и беше нашата замисла пред почетокот на сезоната и одиме до крај“, рече тренерот на Кожув.
Гевгелискиот тим ќе го игра второто финале во Купот на Македонија откако во 2015 година загуби од Работнички во „Јане Сандански“.
