Џамбаски во Македонија планира да го слави Гоце Делчев, премиерот нема одговори дали ќе го пуштат да влезе во државата
Бујар Османи ќе треба да одлучи дали бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски заедно со други лица од Бугарија ќе бидат на листата за персона нон-грата и ќе им биде забранет влез во Македонија.
Ова го посочи премиерот Димитар Ковачевски, кој немаше конкретен одговор дали Џамбаски и другите Бугари ќе бидат ставени на таа листа. Во исто време, европратеникот Џамбаски веќе најави дека на 4-ти февруари ќе биде во Македонија пред гробот на Гоце Делчев. Ковачевски гарантира дека одбележувањето на денот на раѓањето на великанот ќе помине мирно.
„ Се што е во надлежност на Владата ќе биде направено, со цел да се гарантира мирно и достоинствено одбележување на 4-ти февруари, денот на раѓањето на Гоце Делчев. Тие активности (прогласување за нерсона нон-грата) се на МНР и се спроведуваат врз основа на Законот за странци и одредбите кои регулираат кое лице не може да влезе во државата, а поради активности кои ги нарушуваат односите меѓу државите. Без разлика ако е политичар или друго лице, ако МНР го идентификува таквото лице, тоа не може да влезе во државата. Достоинството на нашата држава е врвен приоритет“, посочи Ковачевски.
Во истовреме, Џамбаски го прозва претседателот Стево Пендаровски.
„ Пендаровски, познат како Стево Коминтерната, рече дека ќе ми забрани да се поклонам пред саркофагот на Бугаринот Гоце Делчев?! Не можам да одбијам толку убава покана. Стево, те чекам да дојдеш!“, напиша Џамбаски.
Џамбаски во минатиот период пишуваше дека Македонија е Бугарија, дека не постои како држава, но и дека Северна Македонија е измислица на Тито. Ковачевски пак кажа: „Не може провокатори да развиваат односи, тие само сакаат да уништуваат односи“.
„ Ги осудувам сите кои шират немир, прават провокации, со цел односите меѓу државите да се нарушат. МВР и другите институции треба да постапуваат согласно законот за сите кои ги шират провокациите и кои сакаат да ги нарушат односите во државата и државите во регионот. Тоа се однесува на наши граѓани и на граѓаните во странство“, додаде Ковачевски.