
11 македонски државјани побарале евакуација од Израел
До овој момент, до дипломатско-конзуларното претставништво во Тел Авив, единаесет македонски државјани официјално побарале евакуација од Израел.
Согласно последните информации, воздушниот простор останува затворен најмалку до понеделник. По неговото повторно отворање ќе бидат разгледани можностите и моделите за организирање евентуална евакуација, во согласност со околностите и безбедносната состојба.
Во оваа фаза, препораката до нашите државјани е внимателно да ги следат официјалните известувања на израелските власти, да постапуваат согласно безбедносните протоколи и да останат во засолништа кога тоа е наложено.
Во однос на дипломатско-конзуларните претставништва во Доха и Абу Даби, заклучно со овој момент ниту еден македонски државјанин нема побарано евакуација.
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, преку амбасадите во Тел Авив, Доха и Абу Даби, како и преку дежурните служби, е во континуирана комуникација и целосно на располагање на македонските државјани за потребна помош и координација.
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, преку социјалната мрежа X изрази јасна поддршка за сојузничката координација во справувањето со дестабилизирачките закани на Блискиот Исток, нагласувајќи ја важноста од заеднички пристап во одржувањето на регионалната безбедност и стабилност.
„Стоиме со нашите американски сојузници во соочувањето со заканите кои ја поткопуваат стабилноста на Блискиот Исток. Соединетите Американски Држави јасно укажаа дека дипломатијата е секогаш прва опција, но дека одвраќањето останува неопходно кога постојат кредибилни ризици“, истакна министерот Муцунски.
Тој посочи дека безбедноста, стабилноста и одговорноста се меѓусебно поврзани и претставуваат основа за долгорочен мир.
Воедно, министерот информираше дека дипломатско-конзуларните претставништва на Република Северна Македонија во регионот се во активна комуникација и ангажман со цел поддршка и асистенција на македонските државјани, обезбедувајќи ја нивната безбедност и целосна конзуларна заштита.
