
ВРЕДИ: Стануваме втора политичка сила – граѓаните упатија јасна порака до ДУИ
Изборниот штаб на коалицијата Влен вечерва во Тетово одржа прес-конференција на која оцени дека, според резултатите од вториот круг од локалните избори, коалицијата станува втора политичка сила во државата, имајќи ги предвид освоените општини.
Портпаролот Башким Бакиу, изјави дека со овој изборен резултат „конечно се заокружува промената кај Албанците во Македонија“.
– ВРЕДИ постигна убедлива победа речиси во сите општини каде што бевме во втор круг. Од срце ви се заблагодарувам за оваа голема поддршка која ја потврдува нашата исправна визија, препознаена од нашите сограѓани. Во овој момент можам да потврдам убедлива победа во Тетово со над 5.000 гласови разлика, како и победи во Боговиње, Дебар, Долнени и Струга – изјави Бакиу.
Тој додаде дека граѓаните упатиле јасна порака до ДУИ, покажувајќи дека „времето на стари политики и манипулации завршува“.
– Граѓаните и пред две недели и денес зборуваа јасно и гласно. Деструктивните политики на ДУИ повеќе не поминуваат. Време е Али Ахмети да поднесе оставка и партијата да се реформира, доколку сака да опстане. За Албанците во Северна Македонија доаѓа нова ера – иднина со работа, развој и реални проекти, иднина во која новото ќе победи над старото – порача Бакиу.
На новинарско прашање за изборните резултати во Кичево и Брвеница, Бакиу обвини дека „изборите таму биле предадени од страна на Али Ахмети“, кој, според него, денес наместо да биде со своите гласачи, отишол во Тирана.
– Време е да се соочи со граѓаните и со новата политичка реалност – додаде Бакиу.

