
Сиљановска-Давкова: Парадокс е што на локални избори гласаат и луѓе кои не живеат во општината
Претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова очекува мирни избори по кои, како што вели, избраните градоначалници и советници треба да се фатат за работа.
„Да ги заокружиме изборите и потоа градиначалниците и советниците да се фрлат на работа“, рече Сиљановска-Давкова.
Taa која упати и две важни пораки.
„Она што ќе си го дозволам да го изјавам е нешто што е крајно невообичаено во Европа и во светот, а редовно кај нас. Во европските држави на локални избори гласаат само луѓе кои имаат постојно живеалиште во општината, значи денот и ноќта го поминуваат таму. Ние имаме еден парадокс, да дојдат за еден час луѓе кои веќе гласале во Австрија, Франција, Швајцарија и да ги изберат градоначалниците и советниците. Можете да проверите тоа е непознат демократски феномен. Овој пат навистина ние жените имавме шанса сами да се кандидираме со два потписа за градоначалничките позиции. И се случи многу малку жени да се кандидираат. Причините се веројатно повеќе – прво изненадувањето, одеднаш се соочувате со можност сами да се кандидирате со два потписа. Ние сме одговорни суштества и секогаш размислуваме дали сме најдоброто решение, дали ќе може да одговориме на овој предизвик особено ако не сме поддржани од луѓе кои ни веруваат. Второто е поврзано со политичката култура. Се уште, за жал, има силни елементи на патријархална и парохијална политичка култура, па размислуваме на тој начин. Значи овој инцидент со отсуството на член заради одлуката на Уставниот суд што ќе го регулира кандидирањето покажа и докажа дека и во нас жените има сериозен проблем. Не велам дека тоа е недоверба во себе, туку мислам дека е врзано со фактот дека ние сме поодоговорни бидејќи имаме потежок пат во животот. Оваа лекција добро треба да ја научиме за да ги смениме работите. И јас се соочив со истото прашање од меѓународната заедница зошто овој пат толку малку жени се одважија да се кандидираат на изборите“, изјави Сиљановска-Давкова.

