
С. Давкова: Час поскоро да се измени или целосно нов Изборен законик
Претседателката на државата, Гордана Сиљановска Давкова, во интервју за Македонската радио-телевизија изјави дека е потребно што поскоро да се направат измени во Изборниот законик, или пак да се донесе целосно нов, усогласен со современите демократски стандарди.
„Мора да се посегне по измени или можеби целосно нов Изборен законик, затоа што во 2006 година, кога ја кодифициравме изборната регулатива, важевме за светол пример. Меѓутоа, по бројните измени, законот има низа недостатоци. Препораки има и од ОБСЕ/ОДИХР“, истакна Сиљановска Давкова.
Таа оцени дека неодамнешните локални избори биле спроведени во фер и демократска атмосфера.
„Изборите беа сосема во ред, како што треба да бидат. Ги следев внимателно, иако имаше предупредувања дека можеби ќе треба да го свикам Советот за безбедност поради очекувани инциденти. Случајот со Бујар Османи покажа дека тие сомнежи биле неосновани“, рече таа.
Сиљановска Давкова додаде дека го поздравува достоинствениот чин на признавање на изборниот пораз од страна на Османи, оценувајќи го како пример за политичка култура.
„Ме изненади, сепак, малиот број кандидатки на овие избори. Претходно, во сите извештаи се нагласуваше дека квотите за родова еднаквост даваат резултати, но очигледно дека недостига жени во политичкиот процес. Очекував повеќе, можеби очекувањата ми беа неоправдани“, додаде претседателката.
Со ова, таа испрати порака дека е време институциите и политичките партии да отворат сериозна расправа за реформа на изборното законодавство, со цел да се зајакне демократијата и довербата во изборниот процес.

