
Пластичниот отпад во реката Вардар е последица на слаби комунални услуги и неконтролиран отпад
Пластичниот отпад кој последните денови се појавува во реката Вардар и другите водотеци во земјава е резултат на недоволната контрола и ниското ниво на комунални услуги, особено во руралните подрачја – соопшти Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП).
Според Министерството, во овие региони е евидентно присуство на диви депонии од различен обем, поставени на јавни површини, за чие расчистување и надзор се надлежни општините и нивните инспекциски служби.
Од МЖСПП информираат дека заедно со Државниот инспекторат за животна средина континуирано укажуваат преку ЗЕЛС на потребата од засилен теренски надзор и редовно следење на состојбите со управувањето со отпадот.
Во насока на подобрување на контролата, Инспекторатот е во фаза на подготовка на измени на Законот за инспекциски надзор во животната средина, со кои треба да се воспостави единствен систем на надзор и поефикасна координација меѓу институциите.
Министерството упати апел до општините, комуналните претпријатија и граѓаните за поголема заедничка одговорност во зачувувањето на чистотата на реките и водните текови, нагласувајќи дека само со заедничко делување може да се спречи создавањето и ширењето на отпадот во природата.

