
ИЗБОРЕН КУРИОЗИТЕТ: Во Раовиќ, Општина Сарај, од 214 гласачи – на гласање не излегол НИТУ ЕДЕН
Еден од најневообичаените податоци од вчерашниот втор круг на локалните избори доаѓа од скопската општина Сарај.
Како што се наведува во извештаите, на избирачкото место 2444, сместено во Основното училиште во селото Раовиќ, е забележана апсолутна апстиненција.
Од вкупно 214 запишани избирачи во избирачкиот список на ова место, својот глас не го дал ниту еден граѓанин.
Оваа 100-процентна апстиненција во Раовиќ е во остар контраст со гласањето во останатиот дел од општината. На ниво на цела Општина Сарај, во трката за Град Скопје, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, добил 3.589 гласа (85,15%), додека кандидатот на Левица, Амар Мециновиќ, освоил 446 гласа (10,58%).
Според 100% од обработените гласови за Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски има освоено вкупно 95.572 гласа, додека Амар Мециновиќ добил 61.475 гласа.
По објавувањето на резултатите, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на прес-конференција изјави дека исходот од изборите претставува „победа на народот и на новата енергија што ја движи земјата напред“, а не причина за партиска еуфорија.

