
Да се ограничи мандатот на градоначалниците на два мандати, предлага претседателката С. Давкова
Претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, во интервју за емисијата „360 степени“ на МРТ 1 предложи да се разгледа можноста за ограничување на градоначалничкиот мандат на најмногу два последователни мандати. Според неа, ваква промена би придонела за поголема динамика во локалната самоуправа и за спречување на прекумерна концентрација на моќ во рацете на поединци.
„Ако има граница во парламентарните системи, дури и кај претседателите со церемонијални функции, тогаш би било логично и кај нас да се воведе лимит за градоначалниците. Нашиот систем на локална самоуправа може да се опише како квазипретседателски, со многу силни ингеренции на градоначалниците. Поради тоа, станува невообичаено што министри и пратеници се одлучуваат да се кандидираат за оваа функција“, изјави Сиљановска-Давкова.
Таа предупреди дека отсуството на извршна власт на локално ниво – во форма на извршен одбор, совет или повеќе извршни тела – создава премногу моќ концентрирана кај еден човек.
„Тоа го прави градоначалникот сличен на американскиот претседател, со силна извршна власт. Во помали средини тоа може да доведе до бонапартизација, па дури и до, како што велам, рефеудализација на локалната власт. Имаме примери каде градоначалници владеат повеќе од дваесет години. Тоа веќе наликува на ‘републикански монархизам’“, нагласи претседателката.
Со овој предлог, Сиљановска-Давкова отвори дебата за потребата од реформи во системот на локалната самоуправа и воведување механизми кои ќе обезбедат поголема отчетност и ротација на власта на локално ниво.

